Англија сака да го организира финалето на ЛШ наместо Истанбул
Фудбалската асоцијација на Англија преговара со УЕФА за преселување на финалето на Лигата на шампионите на Островот. Натпреварот помеѓу Челзи и Манчестер Сити е закажан за 29 мај во Истанбул.
Состојбата со зголемувањето на инфекциите со коронавирус во Турција е таква што британската влада ја стави земјата на црвената листа. Ова значи дека секој што ја посетува земјата мора да остане во карантин во траење од 10 дена во владиниот хотел по враќањето во Велика Британија.
За елитните спортисти, постои исклучок кога патуваат, но тие исто така мора да бидат во карантин. Британската влада верува дека најдобра опција е финалето да се одигра на Островот, бидејќи учесници се две англиски екипи. На овој начин навивачите ќе можат да присуствуваат на натпреварот.
„Се плашам дека мора да ја ставиме Турција на црвената листа. Тоа значи дека навивачите не треба да патуваат во Турција. ФА разговара со УЕФА. Ние сме отворени за да бидеме домаќини на финалето, но ова е одлука на УЕФА”, рече министерот за транспорт, Грант Шапс.