Андов: Нова можност да се стекне потребното искуство

Женската фудбалска репрезентација го продолжи настапот во квалификациите за пласман на Светското првенство. Во меч од третата рунда нашата селекција во Битола ја пречека Унгарија, која на крајот забележа убедлива победа од 5:0.
„Унгарија е сериозен противник, фаворит за освојување на првото место во групата и тоа го докажа на дуелот во Битола. И овој натпревар беше уште една можност за оваа талентирана генерација да го стекне неопходното искуство кое во иднина ќе овозможи вакви мечеви да се играат на далеку повисоко ниво. Би сакал да го потенцирам настапот на Теона Галабовска која од натпревар во натпревар игра се подобро и го потврдува големиот талент. Како награда за тоа што го прикажа на теренот, решив во финишот таа да ја носи и капитенската лента. Сметам дека Теона треба да го почувствува моментот кога треба да е лидер на екипата бидејќи од тоа го очекуваме во иднина”, изјави селекторот Александар Андов.
И покрај високиот пораз, предводникот на националниот тим е задоволен од прикажаното со конкретни забелешки за играта во одредени сегменти од екипата.
„Во принцип задоволен сум од прикажаното. Во одредени ситуации одигравме она што претходно беше договорено. За жал скапо ја плативме цената на деконцентрацијата во дефанзивата, а на моменти потфрлија и фудбалерките во средниот ред. Премногу рано примивме два гола, Унгарките веќе по десет минути игра имаа голема предност”, продолжи Андов.
По подолга пауза имаме една талентирана генерација на млади фудбалерки кои во своите возрасни категории беа дел од елитните квалификации и имаа можност да играат против најсилните селекции од Стариот континент. Станува збор за фудбалери кои во блиска иднина треба да бидат рамноправни противници со репрезентациите кои дел од големите натпреварувања.
„Нашата цел е јасна, градиме нова селекција во која шанса ќе добиваат младите фудбалерки. Вакви натпревари за нив се одлична можност за напредок. Верувам во овие девојки и се надевам дека на следниот дуел во Унгарија ќе играме многу подобро. Тоа се поткрепува со фактот дека бевме рамноправни во второто полувреме што значи дека во овој тим има потенцијал за да игра на повисоко ниво”, потенцираше предводникот на националниот тим.
Фактот дека уште една репрезентација е дел од елитен квалификациски турнир, Андов не можеше да смета на сите фудбалерки. Дел од нив во моментов го носат дресот на селекцијата до 17 години.
„Точно е дека на овие средби со Унгарија играме некомплетни. Со колегата Кирил Изов мораше да се договориме кои фудбалерки ќе бидат дел од А селекцијата, а кои ќе настапат за националниот тим до 19 години кој е дел од елитните квалификации за Европското првенство. Во Шкотска заминаа помладите фудбалерки за кои во моментов е подобро да играат со противници од својата генерација. Нивното отсуство го надополнија неколку фудбалерки кои се дел од репрезентацијата до 17 години кои исто така во иднина треба да ја засилат конкуренцијата во сениорскиот тим. Заедно со моите колеги од стручниот штаб работиме да изградиме еден добар тим, кој во блиска иднина треба да биде конкурентен во дуелите со најдобрите селекции од Европа”, заврши Андов.