Андреј Јакимовски ја промени играчката средина
Нов тим на нашиот млад репрезентативец, Андреј Јакимовски е Лојола Мериленд од градот Балтимор, во близина на Филаделфија.
Овој универзитет ќе има свој претставник на претстојниот НБА драфт и тоа шпанскиот интернационалец Санти Алдама, кој е исто годиште како Јакимовски.
„Имав понуди од над 15 универзитети од САД, некои од нив беа од ТОП 10 во НЦАА како Арканзас, Тексас Тек… Внимателно ги разгледував сите опции, секаде ми гарантираа дека ќе имам голема минутажа, но во оваа година во САД ми стана јасно дека не може да им се верува на сите.
Бев гостин на универзитетот една недела минатиот месец, се уверив дека имаат одлична програма и одличен тренер, помошникот е Србин со кого остварив прекрасна комуникација и тој ми ги кажа сите важни работи. Затоа одлучив да ја прифатам понудата од Лојола, бидејќи таму се најголеми шансите да бидам еден од најзначајните играчи што ми беше најважно во овој момент“ – појаснува младиот кошаркар кој ланската сезона ја помина како играч на Вашингтон Стејт.
„Минатиот месец имав полесна операција и потребно е време за рехабилитација. Тоа нема да трае долго, но засега не сум во можност да тренирам со полн капацитет. Најверојатно претстојниот викенд ќе се приклучам на репрезентацијата на подготовките во Маврово, но ќе тренирам одвоено, со кондицискиот тренер. Веројатно нема да бидам во најдобра форма во претквалификациите, но ќе се обидам да помогнам колку што можам“ – додавa големата надеж на македонската кошарка.