Анри: Арсенал ќе ја освои Премиер лигата оваа сезона

Легендата на Арсенал, Тјери Анри, верува дека неговиот поранешен клуб конечно ќе ја освои титулата во Премиер лигата. Французинот зборуваше во подкастот „Men in Blazers“ и испрати јасна порака: време е Арсенал да направи чекор напред и да стане првак.

Иако пред неколку месеци отворено ја критикуваше трансфер политиката и истакна дека тимот премногу често останува втор, Анри сега има поинакво расположение. Потврди дека има целосна доверба во Микел Артета и отфрли какви било шпекулации за негова смена.

„Дали мислам дека Артета треба да си замине? Апсолутно не. Она што го прави е извонредно. И да, мислам дека оваа сезона ќе ја освоиме титулата. Досега бевме добри, но сега мора да бидеме одлични“, изјави Анри.

Арсенал од 2019 година инвестираше над 900 милиони фунти под водство на Артета, а минатата сезона го оствари најголемиот успех во Европа со пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите. Сега, според Анри, времето за трофеи конечно дошло.