Анте Ребиќ пред потпис со Хајдук

Поранешниот хрватски репрезентативец Анте Ребиќ би можел наскоро да се врати на домашната сцена, а како негова можна нова дестинација се споменува сплитски Хајдук.

Ребиќ е слободен играч откако ја заврши епизодата во италијанскиот Лече, што го отвора патот за евентуален трансфер без отштета. Хајдук, според хрватските медиуми, веќе ги интензивирал преговорите со 31-годишниот фудбалер, кој играше клучна улога во репрезентацијата на Хрватска што стигна до финалето на Светското првенство во Русија во 2018 година.

Идејата за негово доаѓање во Сплит не е нова, но овојпат околностите се поинакви, Ребиќ е без клуб, а Хајдук гледа прилика да ангажира уште едно звучно име и да продолжи со политиката на доведување на познати хрватски играчи.

Клучна улога во целиот процес би можел да има Иван Ракитиќ, кој по завршувањето на играчката кариера доби раководна функција во Хајдук. Тој и Ребиќ се добри пријатели и поранешни соиграчи од репрезентацијата, па тоа во Хајдук би можеле да го искористат.

Иако Ребиќ не е во најдобра форма како пред неколку сезони, во Хајдук го гледаат како големо засилување и лидер на теренот.