Арсенал купува напаѓач од Селтик

Арсенал има интерес за напаѓачот на Селтик, Одсон Едуард. Според „Телеграф“, раководството на „топџиите“ планира да го зголеми бројот на напаѓачи во летниот преоден рок и смета дека Едуард е најдобриот кандидат за оваа улога.
Челниците на Арсенал го гледаат како долгорочна замена за Александар Лаказет, кој ќе наполни 30 години овој мај. Според изворот, Арсенал веќе контактирал со преставниците на францускиот напаѓач, но во текот на летото ќе мора да се соочат со конкуренција за да го добијат овој играч затоа што за него е заинтересиран и Лестер Сити.
Одсон Едуард потекнува од школата на ПСЖ, за чиј прв тим не одигра ниту еден натпревар. Во август 2017 година, тој премина во Селтик на поазјмица, а веќе во мај 2018 година Селтик го купи од ПСЖ за 10,3 милиони евра. Оваа сезона во шкотската Премиер лига, Едуард одигра 27 натпревари и постигна 16 погодоци (5 од пенал), што го направи најдобар стрелец во лигата. Неговата вредност се проценува на 15 милиони евра.