Арсенал нема да слуша понуди за Ѓокереш

Арсенал нема намера да го пушти Виктор Ѓокереш на позајмица, и покрај интересот од Милан за шведскиот напаѓач. Според информациите „росонерите“ внимателно ја следат ситуацијата со 28-годишниот голгетер, кој досега не успеа целосно да се наметне како лидер во нападот на лондонскиот клуб.

Ѓокереш пристигна во Арсенал по одличниот период во Спортинг Лисабон, каде што се наметна како еден од најопасните стрелци во европскиот фудбал. Сепак, неговата форма во Лондон е под очекувањата, што отвори простор за шпекулации за неговата иднина.

Милан наводно е заинтересиран за напаѓачот, но Арсенал категорично ја одбива опцијата за привремена преселба. Доколку италијанскиот клуб сака да го доведе Ѓокереш, ќе мора да преговара за перманентен трансфер.

Арсенал бара повеќе од 70 милиони евра за својот напаѓач. Дополнителен фактор е и неговиот договор со „топчиите“, кој е со важност до 2030 година.