Арсенал обезбеди пет тима за Англија во ЛШ следната сезона

Победата на Арсенал над Реал Мадрид (3-0) во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите на Англија и обезбеди уште еден тим во елитното натпреварување за следната сезона.

На англиските клубови им беше потребна само една победа во кое било од трите меѓународни клупски натпреварувања под покровителство на Европската фудбалска унија (УЕФА) за да го обезбедат петтиот претставник во Лигата на шампионите за следната сезона преку коефициентот на УЕФА, објави Би-Би-Си.

Англија следната сезона би можела да има дури седум претставници во Лигата на шампионите.

Ова би се случило доколку Астон Вила ја освои Лигата на шампионите оваа сезона, а не успее да обезбеди пласман преку Премиер лигата и доколку Манчестер Јунајтед или Тотенхем ја освојат Лига Европа.

Астон Вила е седма на табелата во Премиер лигата, а во четвртфиналето од Лигата на шампионите игра против Пари Сен Жермен.

Манчестер Јунајтед игра против Лион во двомечот од четвртфиналето на Лига Европа, додека ривал на Тотенхем е Ајнтрахт Франкфурт.

Ливерпул, Арсенал, Нотингем Форест, Челзи и Њукасл моментално се на првите пет места на табелата во Премиер лигата.