Арсенал пријави расна дискриминација на дуелот во Лидс
Раководството на Арсенал синоќа поднесе пријава поради навреди врз расна основа упатени кон фудбалер на лондонскиот премиерлигаш за време на натпреварот на гостински терен против Лидс.
Инцидентот, според зборовите на тренерот на Арсенал, Микел Артета, се случил во 33. минута од натпреварот, а цел на навредите бил еден од резервните фудбалери на неговиот клуб.
„Пријавивме навреди на расна основа и менаџерот на стадионот ќе мора да се позанимава со тоа“, изјави Артета.
Тој додаде дека во прашање бил поединец, кој навредите ги упатил кон еден од фудбалерите на резервната клупа.
„Многу сум разочаран бидејќи толку многу работевме да не се случуваат вакви инциденти во фудбалот. Но, во прашање е поединец и мислам дека целиот стадион не треба да сноси санкции. И покрај тоа што станува збор за изолиран инцидент, случајот моравме да го пријавиме“, посочи тренерот на Арсенал.
Лондонскиот премиерлигаш триумфираше на гостувањето во Лидс со 4-1 и ја забележа 10. победа во 18. коло во Премиер лигата.