Арсенал само ремизираше со Палас, Ливерпул на бод до титулата

Фудбалерите на Арсенал ремизираа со Кристал Палас 2-2 (2-1) во малото лондонско дерби од 34. коло на англиската Премиер лига.

Домашните поведоа на „Емирати“ во третата минута кога Јакуб Кивиор беше највисок во скокот и со глава ја затресе мрежата на Палас.

Израмнувањето го донесе Еберечи Езе, во 27. минута, но Арсенал сепак со предност замина на одмор.

На три минути до одморот, во 42. минута, Леандро Тросар постигна гол.

Во вториот дел Арсенал успешно ја одржуваше стекнатата предност, до 83. минута кога го видовме најубавиот момент, веројатно во целото коло.

Жан-Филип Матета со удар од преку 20 метри успеа да го лобува Давид Раја и со тоа да ги постави конечните 2-2.

Арсенал со ова реми само ја одложи промоцијата на Ливерпул во нов шампион. „Топџиите“ имаат 67 бодови и доколку в сабота Ливерпул освои барем бод против Тотенхем, на четири кола до крајот и математички ќе ја освои титулата.