Арсими го сруши Вардар, втор пролетен пораз за лидерот

Арсими го совлада Вардар на домашен терен со 1-0, и ја направи битката за титулата уште поинтересна, откако и Шкендија триумфираше над Македонија ЃП на гостински терен, и сега двата најголеми ривали влегуваат во последните девет кола со израмнет број на бодови.

Спахиу, Велковски и Матиќ се заканија кај Вардар, а потоа на другата страна Гафури, но промена на резултатот немаше се до 44. минута.

Арсими дојде до водство по акција на Дардишта кој додаде до Мустафа, а овој ја упати топката во петерецот каде се најде Гони, кој го совлада Талески и донесе предност за домашните.

Во второто полувреме Вардар целосно ја имаше иницијативата, поседот на топката, но премалку концентрација во завршницата на акциите. Велковски имаше две шанси, а потоа стигна и најзрелата прилика во 77. минута кога Закариќ беше осамен на десната страна, но неговиот удар го одбрани Силјановски во корнер.

Шанси за Вардар имаа и Торес и Талевски во судиското надополнување, меѓутоа промена на резултатот немаше, па така домашните фудбалери славеа голема победа во битката за опстанок.