Арсими со „петарда“ го испрати Шкупи од Гостивар

Екипата на Арсими оствари рутинска победа против Шкупи во Гостивар, освојувајќи три нови бода по триумфот од 5-1. Домашните фудбалери беа доминантни во текот на целиот натпревар, а петте гола во мрежата на гостите се вистински одраз на случувањата на теренот.

Уште во првата посериозна акција, Арсими изнуди пенал по прекршокот на Јакуп Семиху врз Албин Рамадани во казнениот простор. Сигурен реализатор од белата точка беше токму Рамадани, кој во 15. минута донесе водство од 1-0.

Домашните продолжија со нападите, а по пропуштените шанси на Селмани и Рамадани, како и силниот удар на Абдули, кој беше одбранет од голманот Муслиу, притисокот вроди со плод во 39. минута. По асистенција на Селмани, Реџепи прецизно погоди од непосредна близина за 2-0.

Второто полувреме започна со обид на Селмани, но Шкупи беше тимот кој прв постигна гол во овој дел. По една мешаница во шеснаесетникот на домашните, Нијази Нухиа успеа да ја намали предноста на 2-1.

Сепак, тоа беше сè што гостите успеаја да направат. Во 68. минута, Ремзифаик Селмани зголеми на 3-1, казнувајќи ја лошата реакција на дефанзивецот на Шкупи, Рифадов.

Финишот му припадна на Флорент Османи, кој во 72. минута го постигна својот прв гол во Првата лига за 4-1, а само четири минути подоцна (76’), по асистенција на Абдули, ги постави конечните 5-1 со својот втор погодок на натпреварот. До крајот на средбата, голманот на гостите, Сефер Муслиу, со неколку интервенции спречи уште поубедлив пораз.

Во 30. коло, Арсими му гостува на Тиквеш, додека Шкупи ќе се соочи со Македонија Ѓ.П.