Атлетико Мадрид продаден за две милијарди евра на американски фонд

Пиринејскиот Полуостров е на нозе, постигнат е еден од најважните договори во историјата на шпанскиот фудбал.

Локалниот дневен весник „Возпопули“, кој главно се занимава со политички, економски, финансиски прашања и теми од банкарскиот сектор, објави дека Мигел Анхел Хил Марин, генерален менаџер и клучен акционер на Атлетико Мадрид, постигнал договор за продажба на клубот за рекордна сума од над две милијарди евра.

Атлетико Мадрид ќе биде во мнозинска сопственост на американскиот инвестициски фонд „Аполо“, кој минатата година официјално управуваше со средства вредни над 700.000.000.000 долари.

Целиот договор треба да биде официјализиран во јануари следната година, но точниот датум или рамка за затворање на договорот ќе зависи и од другите партнери, пред сè од фондот „Арес Менаџмент“, кој е создаден од луѓе од „Аполо“, како и од фондот „Квантум Пацифик Груп“, кој е поддржан од израелскиот милијардер Идан Офер, инаку газда на кошаркарскиот клуб Хапоел од тел Авив.

Според информациите на споменатиот извор, крајниот рок за завршување на преговорите бил средината на октомври, но по договорот на сите страни, било одлучено да се помести, со оглед на тоа што е постигнат голем напредок. Претставници на американскиот фонд беа во Мадрид претходните денови за да ги договорат сите детали од договорот.