Атлетико нема да ги продава Саул и Хименез
Извршниот директор на Атлетико Мадрид – Мигел Анхел Хил Марин е категоричен дека Саул Нигес и Хозе Хименез нема да заминат во друг клуб. Вчера беше објавена информација дека двајцата ќе бидат дел од чистката што екипата ќе ја спроведе ова лето. Сепак, тие се меѓу играчите на кои најчесто се потпира тренерот Диего Симеоне. „Саул и Хименез се меѓу капитените на тимот. Тие се во клубот многу години и затоа го добија правото сами да одлучуваат кога и како да ја прекинат соработката со Атлетико. Јас лично не мислам дека дојде тој момент. Во секој случај, клубот ќе ја цени желбата и перформансите на секој играч. Само тогаш ќе бидат донесени одлуките. Информациите дека клубот сака двајцата играчи да заминат се сосема погрешни. Сè што Атлетико сака во моментов е да размисли за освојување на Ла Лига. Со оглед на тоа што сега, на шест недели и осум кола пред крајот на шампионатот, ние сме лидери и се бориме да ја задржиме првата позиција, не е време да се зборува за трансфер пазарот. Да се стори тоа сега е неодговорност што води само до нестабилност. Ова е нешто кон што некој се стреми“, изјави Хил Марин.