Атлетико суверено го доби Бетис и го продолжи позитивниот момент

Фудбалерите на Атлетико Мадрид се радуваа на нов значаен триумф во шпанската Ла Лига. Тимот на Диего Симеоне го реши незгодното гостување кај Бетис на „Бенито Виљамарин“ со сигурни 0-2 во рамките на десеттото коло.
Мадриѓаните отворија рано. Веќе во третата минута по изведен корнер, топката заврши кај Џулиано Симеоне кој со прецизен волеј ја затресе мрежата за водство од 0-1. Продолжи притисокот на Атлетико, а Хулиан Алварез имаше одлична можност за зголемување на резултатот, но без ефект.
Точно пред крајот на првото полувреме гостите повторно зададоа удар. Во 46 минута по асистенција на Алварез, Алекс Баена стрелаше сигурно и ја удвои предноста на својата екипа. Бетис потоа ја презеде иницијативата и се обиде да се врати во мечот, но обидите на Езалзули и Ло Селсо останаа без реализација.
Атлетико по десет одиграни натпревари има 19 бодови и се наоѓа на четвртата позиција на табелата. Бетис останува на шестото место со 16 освоени бодови.