Ајакс го отпушти спортскиот директор
Доцна синоќа, Ајакс го смени спортскиот директор Свен Мислинтат откако навивачите направија тежок инцидент и го прекинаа дербито против Феенорд.
Откако тимот од Амстердам губеше со 0-3 во 55. минута, фановите почнаа да фрлаат факели на теренот, а потоа влегоа во клупските простории и го бркаа токму германскиот скаут кој минатото летото дојде во клубот како големо засилување во раководството. За среќа, не дојде до нивна средба и избегната е можеби и трагедија од поголеми размери.
Откако дојде на функцијата, Мислинтат прво го постави Морис Стајн за тренер, потоа ги продаде најдобрите играчи и на крајот, на нивно место донесе просечни фудбалери кои во моментов не се способни да го носат тимот. Заминаа Тадиќ, Кудус, Тимбер, Алварес, Беси и Дарами, а дојдоа Ѓутало, Микутадѕе, Форбс, Авила, Акпом, Соса, Тахировиќ, Мансверк и Медиќ. Никој од нив досега не покажа квалитет достоен за Ајакс.
Меѓу другото, во тек е истрага за корупција против Мислинтат поради ангажирањето на левиот бек Борна Соса бидејќи постои сомнеж за корупција во овој трансфер.