Бабиќ: Во Битола никој не може да биде фаворит против нас

Тренерот на Еурофарм Пелистер , Жељко Бабиќ е оптимист дека неговата екипа може да одигра добро и да извлече поволен резултат од првиот натпревар против Магдебург во рамките на 1/8 финалето од Европската ракометна лига. „Мислам дека остваривме многу добар резултат, сите сме горди на пласманот во осминафиналето. Среќни сме што ни доаѓа моќна германска екипа како Магдебург, екипа која е во врвот на првенството на Германија. Но, во спортот не се живее од минатото, па ние ќе направиме сè добро да се презентираме и да најдеме што е лоша страна на Магдебург. Тие играат многу брзо, брза транзиција и брз проток на топка. Имаат на сите надворешни позиции пониски ракометари, кои се моќни во играта „еден на еден“. Магдебург има крила кои скокаат од мали агли и имаат висок процент на реализација. Имаат и подвижна одбрана и можам да набројувам уште многу работи. Тие неслучајно се втори во Бундеслигата, но ќе повторам уште еднаш: Без оглед на сите нивни квалитети, ние ги знаеме нивните слабости. Секој противник има свои слабости и со ментална агилност ќе ги пореметиме и верувам дека тие ќе имаат големи проблеми во Битола. Оптимист сум и покрај тоа што игравме многу натпревари и имаме повредени ракометари. Никој не е фаворит во Битола против Еурофарм Пелистер!“, истакна Бабиќ. Натпреварот Еурофарм Пелистер – Магдебург се игра вечерва од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.