Бабиќ позитивен на ковид-19, нема да ја води екипата во Магдебург
Првите асистенти на Жељко Бабиќ, Божидар Мојсов и Ице Соклески ќе ја водат екипата на Еурофарм Пелистер на натпреварот во Магдебург од Лига Европа. Причината е позитивен тест на ковид-19 кај хрватскиот стручњак.
„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека при последното тестирање на ковид-19, неопходно за патувањето на екипата во Магдебург, тренерот на екипата Жељко Бабиќ е позитивен на ПЦР тестот. Се работи за асимптоматски случај и Бабиќ веќе е во карантин. Наместо него екипата во Магдебург ќе ја водат неговите помошници Божидар Мојсов и Ице Соколески. Бабиќ ќе ги пропушти и натпреварите против Младост Богданци (Куп) и Татран Прешов (СЕХА лига). Клубот му посакува брзо оздравување и враќање на работното место. Исто така известени се претставниците на Вардар 1961, со кои Еурофарм Пелистер играше натпреварот од плеј-офот на Суперлигата во саботата“, се вели во соопштението на клубот.
Делегацијата на Еурофарм Пелистер попладнево патува за Германија, а во тимот се враќа голманот од Египет, Карим Хендави.