Баерн во корона проблеми пред дуелот со Ајнтрахт
Фудбалерот на минхенски Баерн, Бенжамин Павар е позитивен на КОВИД-19 и се наоѓа во карантин, потврди европскиот и светски шампион.
Освојувачот на Мундијалот со репрезентацијата на Франција минатата недела го постигна победоносниот погодок против Тигрес во финалето на Светското клупско првенство, со што Баерн ги освои сите можни трофеи во сезоната.
За потсетување, непосредно пред финалето се зарази и Томас Милер, кој не можеше да настапи на тој одлучувачки натпревар.
Во меѓувреме, Павар во понеделникот беше на клупата за резервни играчи во ремито против Арминија Билефелд.
Неговото место покрај десната аут линија го презеде Буна Сар, но реално е да се очекува дека Ханси Флик за саботното дерби против Ајнтрахт ќе се одлучи за „универзалецот“ Џошуа Кимих.
Баерн претстојното 22. коло од Бундеслигата го дочекува со пет бода повеќе од второпласираниот Лајпциг.