Баерн Минхен ја откри состојбата на Компани

Баерн Минхен соопшти дека Винсент Компани е во болница на детални лекарски прегледи и ќе остане под медицински надзор, откако тренерот колабираше во петокот за време на тренингот на резервниот тим на клубот.

Белгиецот со хеликоптер бил пренесен од тренинг центарот во болница.

„Винсент Компани мораше да побара медицинска помош откако колабираше за време на тренингот на аматерскиот тим на Баерн во петокот. Тренерот на првиот тим го следеше тренингот на резервниот состав. Компани ќе биде подложен на детални прегледи во болница и ќе остане под медицински надзор“, соопшти Баерн, додавајќи дека стручниот штаб до понатамошно известување ќе ги води тренинзите и натпреварите.

Според претпоставките во клубот, причината за неговата состојба е вирусот со кој се борел во изминатите денови. Поради слабоста, тренерот ги намалил работните обврски, а по дуелот со Лајпциг во Бундеслигата веднаш го напуштил стадионот без да даде изјава за медиумите.