Баерн откри колкава е финансиската загуба поради коронавирусот

Германскиот фудбалски великан Баерн Минхен очекува загуба од 150 милиони евра поради пандемијата на КОВИД-19, објави клубот.

Претседателот на Баерн, Херберт Хаинер рече дека тие загуби воглавно се последица на празните трибини на Алијанц Арена од минатата година, но нагласува дека амбициите не се намалени.

Новиот извршен директор на клубот, Оливер Кан меѓутоа истакна дека „сигурноста сепак ќе биде на прво место“.

„Десеттата титула по ред во германското првенство е наша голема цел. Тоа никогаш досега не е направено во најголемите европски лиги, но нема во целост да биде исполнето без успешни европски настапи.“ – додава Кан.

Екипата наредната сезона ќе биде предводена од Јулијан Нагелсман, а Кан вели дека клубот е во преговори за продолжување на соработката со Леон Горецка и Кингсли Коман.

Новата сезона во Бундеслигата започнува на 13. август, а Баерн се надева дека здравствените прописи во Баварија ќе овозможат доаѓање на ограничен број на навивачи на стадионот кој има капацитет од 75.000 места.