Баерн отпиша купување на Халанд, сака да го задржи Левандовски

Полските медиуми неодамна објавија информација дека Роберт Левандовски усно се договорил со Барселона и дека од следната сезона треба да се пресели од Минхен во Каталонија. Оливер Кан, генералниот директор на Баерн изјави дека нема да прифати евентуално заминување на најдобриот клупски стрелец.

Баерн ненадејно испадна од Лигата на шампионите во четвртфиналето. Виљареал беше подобар, а со оглед на бодовната предност во Бундеслигата, клубот полека почна да се подготвува за следната сезона.

Левандовски не е задоволен од понудата што ја има од клубот за продолжување на соработката, а наводно веќе и „намигнал“ на Барселона за да почне да го подготвува трансферот.

„Роберт Левандовски до денешен ден има важечки договор со Баерн за уште една сезона по оваа. Сакаме тој да остане со нас што е можно подолго. Малку сме загрижени, гледајќи ги неговите години. Затоа се оди побавно отколку што би сакале“, откри Оливер Кан во интервју за телевизијата Спорт1.