Банкеро прв пик на драфот, го избраа „магичните“ од Орландо
Орландо Меџик го избра Паоло Банкеро за број 1 на годинешниот драфт на Националната кошаркарска асоцијација (НБА). Церемонијата се одржа во Центарот Баркли, домот на Бруклин Нетс.
Орландо последен пат доби можност да го избере најдобриот млад играч кој ќе дојде во НБА во 2004 година. Тогаш магичните го зедоа центарот Двајт Хауард. Минатата сезона тимот од Флорида го имаше вториот најлош учинок од сите 30 екипи во НБА – 22 победи и 60 порази.
Под број 2, Оклахома Сити го избра 20-годишниот центар Чет Холмгрен, а трет на драфтот беше Џабари Смит (19) кој ќе игра за Хјустон.
19-годишниот Банкеро минатата сезона одигра 39 натпревари за Универзитетот Дјук во колеџот и имаше просек од 17,2 поени и 7,8 скока по натпревар. Има и 41 украдена топка и 36 блока.