Барнет потпиша за МЗТ Скопје Аеродром
Американскиот кошаркар Доминез Барнет од денес е нов член на МЗТ Скопје Аеродром, откако потпиша договор со клубот со важност до крајот на сезоната.
Станува збор за искусен бек-шутер, кој од 2016 година настапува како професионалец во Европа, а претходно бил дел од Девенпорт Универзитетот во НЦАА-лигата. Прв европски клуб му е Пардубице, каде што одигра една ипол сезона во која беше најдобар стрелец во првенството во Чешка. Поради тоа, во јануари 2018 година неговиот договор беше откупен од летонски Вентспилс, со кого ја освои шампионската круна. Потоа го носеше дресот на италијанскиот тим Универсо Тревисо со кој беше првак во Серија А2, по што се пресели во силната ВТБ-лига и белорускиот тим Цмоки од каде што доаѓа во МЗТ Скопје Аеродром.
Барнет ќе ја пополни празнината по заминувањето на Тодрик Гочер во Грција, од каде што тимот на Месолонги ја плати откупната клаузула во износ од 15.000 евра. Неговото доаѓање во Македонија се очекува во текот на неделата, со цел навремено да биде регистриран за настап на вториот турнир од АБА2-лигата во Бања Лука, кој почнува на 18 јануари.