Барнс го сруши Сити, Хау конечно го совлада Пеп

Фудбалерите на Њукасл го победија Манчестер Сити со 2:1, во последниот меч од саботната програма во Премиер лигата. Њукасл по пауза од седум години го победи Сити, воедно ова менаџерот Еди Хау дури во 19-то соочување со колегата Пеп Гвардиола ја забележа првата победа, претходно имаше две нерешени и 16 порази. Натпреварот на „Сент Џејмс Парк“ го реши Харви Барнс со два гола.

Брилијантен натпревар одиграа Њукасл и Сити на „Сент Џејмс Парк“, сите голови беа постигнати во второто полувреме. Њукасл беше подобар противник во првото полувреме, а големи шанси пропуштија Волтемаде и Харви Барнс. Казната не ги стигна домашните фудбалери во финишот на првото полувреме кога Фил Фоден го промаши голот од пет метри.

На почетокот на второто полувреме беше релативно мирно, а потоа сè беше решено за само седум минути. Њукасл поведе преку Харви Барнс, кој погоди од 16 метри во 63-та минута.

Радоста на „Сент Џејмс Парк“ не траеше долго. По големата гужва во шеснаесетникот на домашниот тим, Рубен Дијас одлично се снајде и го израмни резултатот на 1:1.

И кога се очекуваше Сити да притисне, во следниот напад, Барнс повторно беше на вистинското место, изворедно се снајде и ја испрати топката во мрежата. Потребно беше долго време да се провери дали на голот му претходеше офсајд, но на крајот беше одлучено дека е гол.

Сити напаѓаше до крајот на натпреварот, но тимот на Пеп Гвардиола не успеа да го избегне четвртиот пораз во сезоната.