Барса и Интер ремизираа во спектакл со шест гола

Барселона и Интер одиграа неверојатен меч кој заврши 3-3, победникот ќе се решава во Милано, но она што се случуваше на Монжуик уште долго ќе се памети.

Дека ова нема да биде обичен меч беше најавено уште по 30 секунди игра кога Маркус Турам постигна гол со пета за водство на Интер од 1-0.

20 минути подоцна веќе беше 2-0 за Интер, и овој гол беше прекрасен, а го постигна Думфрис. Барса брзо се врати во игра, во 24. минута се случи магија на Ламин Јамал кој постигна луд гол за намалување на водството на Интер.

До крајот на мечот Јамал двапати ја погаѓаше и пречката, младото момче на Барса изгледаше чудесно.

Во 38. минута одлична акција на Барселона, Рафиња со глава асистираше до Торес кој погоди за израмнување на 2-2. Тоа беше резултатот од првото полувреме. Во 64. минута нов гол на Думфрис, овојпат реализираше со глава за ново водство на Интер. Веќе во следната минута Рафиња упати бомба од далечина, топката удри во пречката, па во главата на Зомер и влезе во голот на Интер за конечни 3-3.