Барса летна на азиската турнеја со триесет фудбалери

Шпанскиот шампион Барселона потврди во официјално соопштение дека сите проблеми со организаторот на тестот против Висел Кобе се решени и тимот утрово замина за Јапонија, каде што ќе ја започне својата азиска турнеја со пријателски натпревар во недела.

„Барселона информира дека првиот тим веќе отпатувал во Јапонија за почетокот на овогодинешните азиски подготовки. Ова доаѓа откако беше постигнат договор помеѓу клубот и организаторот, со кој се решија разликите што се појавија и се потврди дека тестот со Висел Кобе ќе се одржи како што е планирано на 27 јули. По завршувањето на јапонскиот дел од турнејата, тимот ќе продолжи во Јужна Кореја за натпреварите против ФК Сеул (31 јули) и ФК Даегу (4 август)“, се вели во официјалното соопштение од каталонскиот клуб.

Во меѓувреме, беше објавен и проширениот состав за трите теста – вкупно 30 играчи кои ќе му бидат на располагање на главниот тренер Ханзи Флик. Групата ги вклучува новите засилувања – голманот Жоан Гарсија, како и крилните играчи Руни Барџи и Маркус Рашфорд. Првично, се очекуваше тренерскиот тим да им верува на 26 играчи, но Флик одлучи да им даде шанса на неколку млади таленти од академијата, кои ќе имаат можност да се докажат за време на контролите.