Барса се распрашува за Габриел Жесус
Габриел Жесус го привлече вниманието на Барселона. Не е тајна дека Каталонците на лето ќе настојуваат да го засилат нападот. Тие беа заинтересирани за Ерлинг Халанд, но се чини дека на „Камп Ноу“ се откажаа бидејќи ги немаат потребните финансии за да ја добијат битката за Норвежанецот. Затоа клубот бара други опции и една од нив е Жесус.
25-годишниот Бразилец не е цврст стартер оваа сезона кај Пеп Гвардиола. Шпанскиот стручњак прави многу ротации во својот тим, но Жесус има 33 натпревари и 7 гола сезонава во сите натпреварувања. Сепак, неговата иднина на „Етихад“ не е сосема сигурна, бидејќи неговиот договор е до 2023 година и на лето клубот мора да одлучи дали ќе му понуди продолжување или ќе го продаде за да добие највисока можна сума за трансфер.
Сепак, Барселона не е единствениот кандидат за Бразилецот. Фудбалерот долго време е на мета на Јувентус и „бјанконерите“ имаат сериозна желба да го земат во својот тим на лето.