Барселона е на европскиот ракометен трон!
Шпанскиот ракометен гигант Барселона ја освои десеттата европска титула, откако во последниот натпревар на последниот турнир од Лигата на шампионите во Келн го совлада данскиот Алборг со 36:23, на полувреме 16:11.
За Каталонците ова беше дури 15. европско финале и рекордна десетта титула, додека Алборг за првпат стигна до финалето.
Данците, кои го изненадија фаворизираниот ПСЖ во полуфиналето, поведоа со 4:1, но поискусната Барса возврати со серија од 8:1 и повеќе не ја загуби предноста.
На полувреме беше 16:11, во 47. минута веќе беше плус 10, а на крајот големи 13 голови разлика.
Каталонците до големото славје беа предводени од Гомез Абело со девет погодоци, Н’гуесан со шест и хрватскиот ракометар Лука Циндриќ со пет погодоци.
Во данските редови најефикасни беа Лукас Сандел со осум и Николај Кристенсен со четири погодоци.