Барселона уште не ги има регистрирано новите играчи во екипата

Германскиот весник Билд тврди дека новиот фудбалер на Барселона, Роберт Левандовски, уште не е регистриран како играч на каталонскиот клуб, па поради тоа тој нема право на играње на официјални натпревари.

За информација, професионалната шпанска фудбалска лига има строги правила во врска со регистрација на играчите. Шпанските клубови не смеат неконтролирано да купуваат нови фудбалери.

Според Билд, Барселона засега ги нема регистрирано ни Рафиња, Кеси и Кристенсен, па така новите фудбалери можат да играат само на пријателски натпревари.

Барселона мора прво да продаде неколку играчи за да ги реши проблемите со финансиите и платите на фудбалерите, и затоа каталонскиот клуб планира да се раздели со Френки де Јонг и Мемфис Депај. Барселона има долг поголем од милијарда евра, а примањата на фудбалерите во минатата сезона ги намали од 347 на 97 милиони евра.