Баскет КАМ го освои првиот трофеј во историјата

Екипата на Баскет КАМ 2011 е новиот освојувач на Купот кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда „Благоја Георгиевски Буштур“.
Во финалниот натпревар одигра во СРЦ „Кале“, беа многу подобра екипа од Бадел 1862. Од првата до последната минута од финалните 40, екипата од Македонска Каменица потврди дека со право важеше за фаворит и на овој финален турнир во Скопје.
Една од предводничките на составот од Македонска Каменица на овој турнир беше Анџелика Митрашиновиќ. Капитенот на нашиот женски сениорски национален тим финалето го заврши со 22 реализирани поени, 12 скока и 8 асистенции. И недостасуваа само уште две додавања да дојде до троен ефект, што е ретко виден момент на финалните средби од ова натпреврување.
Искусната репрезентативка по освојувањето на првиот пехар во историјата на Баскет КАМ и најави голема борба за двојна круна.
„Презадоволна сум од исходот во завршницата од Купот, ја очекувавме оваа победа. Сакам да се заблагодарам на КФСМ што воопшто го организираше овој турнир, со оглед на пандемијата со корона вирусот, но и да им честитам на моите соиграчи за добрата игра. Се надевам на уште повозбудливо финале во плеј-офот и на уште еден триумф. Оваа сезона многу се засили македонската кошарка, пред се со странски играчи и тоа е добро за сите. Мене ми заврши со сезоната со Будуќност, па дојдов тука да му помогнам на Баскет Кам во остварувањето на своите амбиции. Се надевам на двојна титула“ – не го криеше Митрашиновиќ задоволството од прикажаното на паркетот.