Башкими му го нанесе првиот пораз на Силекс

Екипата на Башкими ја забележа втората победа на домашен терен и ја прекина серијата од пет победи на Силекс (2-1).
Домаќините од Куманово имаа лесна иницијатива на почетокот од натпреварот, но првата вистинска шанса ја видовме дури во 21. минута. По центаршут од десната страна, Ајдоган асистираше до Аворнио, кој во вториот обид успеа да го совлада голманот Џеков за водство од 1-0.
Башкими продолжи со притисокот и само шест минути подоцна Хоџиќ влезе во шеснаесетникот и шутираше силно, но гостинскиот голман беше на вистинското место.
Во 35. минута, по брз контранапад на Силекс, Мирчевски асистираше во шеснаесетникот, но напаѓачот Алич не успеа да ја насочи топката кон голот на Башкими, бидејќи беше блокиран од Фисник Зука.
Гостите ја имаа најдобрата прилика за израмнување во 43. минута, кога Бутуровиќ нафрли во опасната зона, а Мигуел Пирес со глава ја насочи топката кон голот. Голманот Јашар со извонредна интервенција ја испрати во корнер. Во продолжението на акцијата, Мирчевски шутираше од 20 метри, но Јашар повторно беше сигурен и спречи израмнување.
Во второто полувреме Башкими продолжи во исто темпо и во 53. минута успеа да го зголеми водството. Алексовски се најде на вистинското место и ја погоди мрежата за 2-0.
Во 60. минута домаќините останаа со играч помалку, откако Фисник Зука доби втор жолт картон и беше исклучен. Веќе во првата акција по исклучувањето, Силекс намали на 2-1. Додев нафрли кон далечната статива, каде што Мигуел Пирес непречен со глава погоди.
Во 72. минута Пирес повторно се закани со силен удар од десната страна, но Јашар одново беше сигурен. Десет минути подоцна, Тимовски се обиде од 16 метри, но топката заврши над пречката.
Во самата завршница, Силекс имаше идеална шанса за израмнување, но Матески не беше прецизен и резултатот остана 2-1.
Во 7. коло, Башкими ќе гостува во Битола против Пелистер, додека Силекс ќе ја пречека Струга Трим Лум во Кратово.