Башкими по дождот во Куманово го совлада Пелистер

Екипата на Башкими, пред својата публика во Куманово, успеа да го совлада Пелистер со минимални 1-0. Првиот дел од мечот не понуди возбудлива игра, а беа забележани само две посериозни ситуации. Најпрво Булатовиќ се закани кон домашниот гол, но без успех. Башкими, пак, ја искористи својата прва посериозна акција за да дојде до водство. Во 38. минута, по корнерот изведен од капитенот Алими, стоперот Сумер Хасан беше највисок во скокот и со прецизен удар со глава реализираше за 1-0.
Во второто полувреме темпото на игра се засили, но силниот дожд дополнително ги отежна условите на теренот. Пелистер тргна во офанзива, а прв се закани Вилдан Керим, чиј удар од добра позиција заврши над голот. Потоа следуваа обидите на Петковски и Спировски од далечина, но голманот на домашните, Јашар, беше на висина на задачата.
Најголемата прилика за израмнување битолчани ја пропуштија во 81. минута. Вилдан Керим упати силен удар од 18 метри, го совлада голманот Јашар, но топката за среќа на кумановци заврши во стативата. До крајот на средбата резултатот остана непроменет, а Башкими успеа да ги одбрани трите бода.
Со овој триумф, Башкими сега има 26 бодови и останува на петтата позиција на табелата. Од друга страна, Пелистер со вкупно 19 бодови останува во опасната зона за испаѓање.
Башкими во следното коло го очекува тешко гостување кај Вардар во Скопје. Пелистер на домашен терен ќе го пречека тимот на Струга Трим Лум.