Башкими рутински против Шкупи во Куманово

Башкими ја оправда улогата на фаворит против Шкупи и во Куманово извојува рутински триумф од 2-0 (0-0).

Гостите (Башкими) уште од првата минута вршеа притисок кон голот на Мелиќи, кој успеа да ги запре обидите на Ор и Рибеиро во шеснаесетникот. Покрај многуте грешки во средниот ред, имаше и бројни пропусти во опасната зона на Шкупи. Сепак, по првите 45 минути немаше промена на резултатот.

Во продолжението, Башкими го подигна темпото на игра и веќе во првата посериозна акција, Аворнио асистираше во шеснаесетникот, а Ор од 7 метри ја испрати топката во мрежата на Шкупи.

Само шест минути подоцна, поранешниот фудбалер на Шкупи, Рибеиро, го прифати центаршутот на Аворнио и погоди во небранетиот агол за 2-0.

Набрзо потоа, Аворнио се обиде и со глава, но топката отиде над голот на Мелиќи. Во 73-тата минута, Башкими пропушти шанса за трет гол, откако главниот судија покажа на белата точка. Сепак, Мелиќи ја прочита намерата на Личина и не дозволи зголемување на водството.

Во 79-тата минута, Шкупи имаше идеална прилика за почесен гол, но Стојковски го одбрани обидот на Чајани. До крајот на средбата во Куманово немаше поголеми возбудувања кои би го промениле конечниот резултат.

Во следното коло, кое на програмата е веќе викендов, кумановчани ќе се судрат со Македонија ЃП, додека Шкупи ќе гостува во Струга.