Бајиќ: „Нека размислуваат противниците за нас, а не ние за нив!“
Драган Бајиќ, селекторот на нашиот сениорски национален тим присуствуваше на церемонијалот на одредување на квалификациските групи по кој Македонија за противници ги доби националните репрезентации на Шпанија, Грузија и Украина.
„Добивме група која не изгледа како атрактивна, но не е ниту лесна“- е првиот коментар на нашиот селектор по дознавањето на противниците во квалификациите за СК 2023. „Но мојата тренерска филозофија вели дека повеќе сакам противниците да размислуваат за нас, отколку ние за нив. Така е и овојпат. Во разговорите со колегите кои се тука во Женева, дознав дека се вложува многу. И во Грузија, и особено во Украина, тоа се сериозни селекции, за шпанската не сакам да дискутирам. Но во мојот речник не постои зборот предавање“.
Селекторот вели дека овие најмалку шест натпревари се всушност продолжение на планираните активности откако дојде на кормилото на нашиот сениорски национален тим.
„Јасна е визијата, сакаме низ овие натпревари да им дадеме уште поголем прилика на помладите. Верувајте во секој прозорец тоа ќе биде и видливо. Овие мечеви би биле само континутитет на реализација на плановите. Искрено се надевам дека во наредниот циклус ќе ги имаме на располагање и играчите кои не беа во можност да бидат дел од селекцијата, што не беше случај овој месец. И сите заедно да уживаме и да напредуваме низ овие квалификациски натпревари. Се надевам дека зад нас ќе останат проблемите со короната, дека ќе се врати оној стар систем на натпреварување. Дека публиката ќе се врати во салите, без тоа е сосема поинаку“- вели селекторот.