Бањаја убедлива на Мото ГП трката во Остин

Победник на третата трка од сезоната во Мото ГП е возачот на Дукати, Франческо Бањаја. Ова е 40-та победа на италијанскиот возач во кариерата, а 30-та во првата класа.
Франческо Бањаја возеше со подобро темпо од претходните две трки, во четвртиот круг изби на второто место, пред Алекс Маркез, но и тогаш се чинеше дека неговиот тимски колега Марк Маркез е недостижен иако практично имаа исто темпо.
Марк Маркез направи голема грешка во деветтиот круг, излета од патеката и сериозно го оштети мотоциклот, во момент кога имаше водство од речиси две секунди. Франческо Бањаја во тој момент го презеде водството со 1,3 секунди предност пред Алекс Марекс, кого го престигна во четвртиот круг.
Предноста на Бањаја само растеше како одминуваше трката, Италијанецот остана концентриран и ја оствари првата победа сезонава. Зад него беа Алекс Маркез и Фабио ди Џанантонио, на второто и третото место.
Четвртото место го зазеде Франко Морбидели, пред Џек Милер. На шестото место се најде Марко Бецеки, а на седмото Енеа Бастианини. Лука Марини ја заврши трката на осмото место пред Аи Огура и Фабио Квартараро.