Без Баптист Одифрам младите пелистерци немаа сили за подвиг во Бутел

Во натпревар со многу голови и подобри напади од одбрани, Еурофарм Пелистер 2 загуби на гостувањето кај петтопласираната екипа минатата сезона, Бутел Скопје. Дуелот во салата „Антон Димитров“ заврши со победа на момците на Кузманоски со 36-29.
Домашниот состав беше во подобар налет во првото полувреме и покажа дека е расположен за освојување на бодовите, а тоа се потврди и со солидната залиха на паузата (20-15). Стартот на вториот дел донесе малку поангажиран пристап на пелистерци, но Бутел потоа повторно ја презеде иницијативата и постојано беше во позитива од пет до шест голови. Последните десет минути започнаа со резултат (30-24), а на крајот Бутелчани славеа со конечни 36-29.
Голема улога во третиот пораз сезонава на Еурофарм Пелистер 2 играше и неиграњето на десниот бек Баптист Одифрам. Николов кај домаќините и Мохамед Азис Бен Махмуд кај гостите со по единаесет гола беа најефикасни актери на натпреварот.
Во следното шесто коло Еурофарм Пелистер 2 в сабота ќе го пречека Тиквеш.