Белград и Берлин прават рокада, следниот Ф4 на Евролигата во Србија?

Завршниот турнир во Евролигата оваа сезона најверојатно ќе се игра во Белград. Иако главниот град на Србија ја истакна својата кандидатура за домаќин на „фајнал-фор“ следната сезона, како „бомба“ одекна веста дека тоа може да се случи порано од очекуваното. Наводно, сите детали се договорени и Белград треба да биде домаќин на вистински кошаркарски спектакл. 

Заменик градоначалникот Горан Весиќ пред неколку недели најави дека Белград ќе се кандидира за организација на завршниот турнир во Евролигата, а се веруваше дека тоа ќе биде следната година, бидејќи овогодинешниот турнир му беше доделен на Берлин. Весиќ минатата недела преговарал со Евролигата и му понудил на Белград да го замени Берлин, бидејќи поради епидемиолошките мерки во германската престолнина немало да биде можно присуство на публика. 

Од друга страна, Белград им даде гаранции на челниците на Евролигата дека навивачите ќе можат да присуствуваат на турнирот во „Штарк Арена“, но само со валидна потврда за вакцинација. Тоа беше доволно челниците на Евролигата практично да ја донесат одлуката завршниот турнир од Евролигата да се пресели во главниот град на Србија. Останаа само детали за да се официјализира рокадата на домаќинство.