Бенитез пред преземање на клупата на АЕК Атина

Откако ја пропушти оваа сезона, Рафаел Бенитез е подготвен да и се врати на тренерската работа. „Марка“ тврди дека европскиот шампион со Ливероул, од наредната сезона ќе го предводи АЕК од Атина.

АЕК ќе се раздели со Аргентинецот Матијас Алмеида на крајот од сезоната и активно бара негова замена, а Бенитез се чини дека е најблиску до клупата на жолто-црните.

Наводно, Бенитез неодамна имал состанок со спортскиот директор на АЕК, Хавиер Рибалта, кој му презентирал идеи за следната сезона.

АЕК би имал корист од искуството на Бенитез. Шпанецот, меѓу другото, предводел гиганти во кариерата: Реал, Ливерпул, Валенсија и Наполи.

Шпанските тренери со години оставаат сериозен белег во грчкиот фудбал. Тој тренд го започна Ернесто Валверде, кој освои три титули и две Куп титули со Олимпијакос.

Но, тука е и Мишел Гонзалез кој двапати беше шампион и еднаш го освои Купот, исто така со Олимпијакос. Потоа Маноло Хименез, кој беше шампион со АЕК.

Секако, најсвеж пример е Хозе Луис Мендилибар, кој во 2024 година со Олимпијакос беше шампион и ја освои Конференциската лига.

Се очекува одлуката на Бенизет да биде објавена во наредните недели. Последната тренерска работа на Бенитез беше во Селта Виго, која ја водеше во сезоната 2023/24.