Бернардески ја зголеми италијанската колонија во Торонто
Федерико Бернардески ќе стане четвртиот Италијанец кој ќе оди во фудбалската МЛС лига ова лето. Тој ја прифати понудата на Торонто и ќе ги следи Лоренцо Инсиње, Џорџо Киелини и Доменико Кришито, кои веќе потпишаа со клубовите од МЛС.
Бернардески е слободен играч откако Јувентус не му понуди нов договор. Тој побара од Торонто некое време да размисли и на крајот одлучи да им се придружи на Инсиње и Кришито во канадскиот тим. Таму долго време играше уште еден Италијанец – Себастијан Џовинко.
28-годишниот Бернардески постигна вкупно 12 гола и 24 асистенции на 183 натпревари за Јувентус. Минатата сезона тој беше солидна резерва и очекувано клубот се определи да се раздели со него.