Бетис слави во лудото градско дерби на Севиља

Фудбалерите на Бетис на домашен терен ја совладаа Севилја со 2-1 во 29. коло. Бетис по пауза од шест и пол години успеа да го победи градскиот ривал и да остане во трката за место во Лигата на шампионите.

Дербито „Севилјано“ или „Гранд дерби“ како што го нарекуваат Шпанците ги оправда очекувањата на фудбалските фанови, не само поради резултатот, туку и поради интензитетот на играта во текот на целиот натпревар и многуте тешки и бескомпромисни дуели.

Овој пат како победник излезе домашната екипа која славеше по пресвртот што се случи во првите 45 минути.

„Зелените“ имаа значително поголем посед на топка од самиот почеток на мечот, но прва погоди Севилја.

Се играше 17. минута кога Рубен Варгас налета на додавање на Лукебакио и со силен удар ја погоди мрежата на Адријан.

Радоста на гостинските навивачи траеше само осум минути, колку што му требаше на Џони Кардосо да ја заврши убавата тимска акција по левата страна со ефектен гол.