Бејл: Ми беше чест да го носам белиот дрес на Реал

Фудбалерот на Реал Мадрид и репрезентативец на Велс, Герет Бејл, соопшти дека дефинитивно го напушта гигантот од Мадрид. Неговиот договор со клубот истекува до крајот на јуни, и денес тој преку социјалните мрежи се збогува со Европскиот шампион.

„Неверојатно искуство, кое нема никогаш да го заборавам. Сакам да му се заблагодарам на соиграчите, тренерите, стручниот штаб и целиот персонал за големата поддршка. Овде стигнав пред девет години и ја исполнив желбата да играм за Реал. Сакав да го носам совршениот бел дрес со грбот на Реал на своите гради, да играм на Сантијаго Бернабеу и да освојувам трофеи“, напиша Бејл.

Велшкиот репрезентативец стигна во Реал од Тотенхем во 2013 година за 101 милион евра. Со „кралскиот клуб“ тој беше три пати шампион на Шпанија, и пет пати првак во Лигата на шампиони.