Биелса поднесе оставка по мундијалскиот дебакл на Уругвај

Откако не успеа да ја мине групната фаза на Светското фудбалско првенство, селекторот на двократниот светски првак Уругвај, Марсело Биелса, поднесе оставка на должноста.
Легендарниот 70-годишен аргентински стратег седна на клупата на Уругвај пред четири години со задача да го промени стилот на игра и да изврши генерациска смена, но на крајот не го исполни очекувањата.
„Овој крај, ова збогување, е многу болно. Поради илузиите што ги имав и грдиот начин на кој сè заврши. Ако треба да го оценам настапот на тимот што го водев, чувствувам дека ги разочаравме навивачите. Тоа е огромна фрустрација. Беше сосема непредвидено дека исходот ќе биде ваков. Тешко е да се замисли. Ова е пад што е тешко да се поднесе“, изјави Биелса, познат под прекар „Ел Локо“ (Лудиот).
На прошталната прес-конференција во Монтевидео која траеше 100 минути, Биелса се осврна на причините за неуспехот на Светското првенство.
„Не можам да го оправдам резултатот што го постигнавме. Управувањето со ресурсите што ги имав на располагање не беше доволно добро. Дадовме сè од себе, јас, моите соиграчи и играчите. Убеден сум дека дури и да одев по поинаков пат, немаше да го променам исходот“, рече Биелса.