Бисинов парираше едно полувреме, Еурофарм Пелистер лесно до нови суперлигашки бодови
Еурофарм Пелистер го совлада Бисинов Фриут Ленд од Велес со 45-31 во првиот натпревар од 14. коло на Суперлигата. Велешкиот тим одигра одлично прво полувреме и на одмор се замина со само +2 за домаќинот (21-19). Сепак, во вториот дел до израз дојде квалитетот кој е на страната на битолскиот тим.
Клучна беше серијата од 9-0 кон средината на второто полувреме со која Пелистер поведе со 33-22. На крајот малку недостасуваше шампионот да го надмине тимскиот рекорд за оваа сезона по бројот на постигнати голови кој изнесува 46.
Најефикасни играчи на средбата во домашниот тим беа репрезентативните крила Цветан Кузманоски и Ненад Костески со по шест, додека кај гостите се истакна ветеранот Ивица Илиев со осум гола.
Следниот викенд, во рамките на 15. коло, Еурофарм Пелистер ќе го пречека Вардар 1961.