Битола живее за спортот: Coca Cola Cup ги „украде“ воздишките

Битола уште потврди зошто е еден од најголемите спортски центри во Македонија. Над 1.000 дечиња беа дел од „Денот на спортот“ во рамките на Плазма Спортските игри за млади.

Во незаборавна атмосфера и фер-плеј игра, младите „симовци“ се натпреваруваа во седум дисциплини: Coca Cola Cup 2011, фудбал 2015, одбојка, баскет 3х3, ракомет, народна и атлетика. Беше навистина интересно и неизвесно, воздишките ги „украде“ Coca Cola Cup. Победата во машка конкуренција ја однесоа „Баирски пионери“, додека во женска конкуренција „Климентовски“.

Во „градот на конзулите“ се одржа вториот спортско едукативен проект „Zero Waste“ чија главна порака е: Бидете дел од играта – да ја заштитиме нашата планета. Победник е „New Stars“ од ООУ „Коле Каниски“, предводен од водачот Александра Здравевска.

„Zero Waste“е уникатен проект, создаден со долгогодишниот партнер на Плазма Спортските игри за млади, Coca Cola, кој креативно ги едуцира младите луѓе преку игра и спорт, овозможувајќи им полесно и поприродно да усвојат корисни навики и да ги применат во секојдневниот живот. Едукативниот квиз ги охрабрува да размислуваат логично, да пронајдат причини и решенија за проблемите со одржлив развој, додека спортскиот дел е посветен на практично учење за сортирање на отпадот на полигонот СИМ. Со оваа кампања, Coca Cola сака да придонесе за најпозитивно влијание врз животната средина и да понуди решенија за предизвиците поврзани со пакувањето, во согласност со повеќегодишниот проект Свет без отпад.

На отворањето на СИМ беа присутни Оливера Бикова, нашата параолимпијка која освои златен медал на Летните параолимписки игри 2012 во Лондон, Весна Дуномагловска првата македонска олимпијка која настапила на Зимски Олимписки игри и македонскиот ракометен репрезентативец, Иван Галевски. Заедно го донесоа факелот и симболично го означија почетокот на Плазма Спортските игри за млади во Битола.

Претседателката на Плазма Спортските игри за Македонија, Елена Мицковска ја потенцира важноста на Битола како град за развој на спортот.

„Срцето ми е полно кога гледам толку многу насмеани и среќни лица. Навистина ми е драго што Плазма Спортските игри за млади пристигнаа и во Битола, град кој со право го носи епитетот град на спортот. Од Битола произлегле многу врвни спортисти, вистински амбасадори на нашата држава.

Почитуван градоначалник на Општина Битола, Тони Коњановски, почитувани претставници на општината, драги колеги и колешки, драги ученици и натпреварувачи, дозволете ми накратко да се заблагодарам на Општина Битола, на сите вклучени во организацијата и на моите колеги кои вложија огромен труд за да имаме уште еден одлично организиран „Ден на спортот“ токму тука, во Битола. Голема благодарност и до Министерството за спорт, министерот Борко Ристовски, како и до Владата на Република Македонија и Премиерот Христијан Мицкоски, кои заедно со нас ја поддржаа оваа убава приказна. Целта е сите млади да имаат еднаква можност да учествуваат, да се дружат, да се забавуваат и да се натпреваруваат, без разлика дали активно се занимаваат со спорт или не. Останува само да ви посакам да уживате денес, да се натпреварувате во духот на фер-плејот, почитта, еднаквоста и толеранцијата. Нека победат најдобрите, а со најуспешните ќе се видиме на големото финале во август, кое е 30-то јубилјено издание,“, порача Елена Мицковска.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски потенцира дека овој град ќе продолжи да вложува во спортот, да создава услови за да ги поттикне младите деца да го одберат спортот и преку него да ги градат вистинските вредности.

„Голема чест е што Битола е домаќин на Плазма Спортските игри за млади. Како Општина, сериозно вложуваме во училишната инфраструктура и продолжуваме да градиме нови спортски игралишта, со една цел: младите да бидат здрави, активни и да спортуваат. Особено ме воодушеви натпреварот во народна, игра која и јас ја играв како дете и која буди убави спомени. Битола отсекогаш била и ќе остане промотор на спортот. Затоа сакам да упатам голема благодарност до претседателката Елена Мицковска, до Владата и до Министерството за спорт. На сите учесници им посакувам успешни игри и многу убави моменти“, порача градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Караванот „Денот на спортот“ продолжува во понеделник, следен град домаќин на Плазма Спортските игри за млади е Охрид.