Боатенг казнет со висока глоба заради семејно насилство
Поранешниот германски фудбалер Џером Боатенг (35) е казнет условно со глоба од 200.000 евра поради намерно нанесување физички повреди на поранешната партнерка и мајка на нивните близнаци, одлучи денеска судот во Минхен.
Казната Боатенг ќе мора да ја плати само доколку го повтори прекршокот, но судот му нареди да плати 100.000 евра за хуманитарни цели.
Боатенг, кој беше репрезентативец на Германија кој го освои светскиот шампионат во 2014 година, имаше физичка пресметка со својата поранешна партнерка за време на годишниот одмор во 2018 година.
Боатенг негираше дека ја повредил поранешната партнерка.
Обвинителството има рок од една недела за евентуална жалба на оваа пресуда, додека Боатенг преку својот адвокат изјави: „Ми олесни што овој повеќегодишен кошмар заврши. Сега сакам да се концентрирам на моето семејство и фудбалот“.