Бобан Николов пред враќањето во Вардар

Вардар ќе добие уште еден повратник после Дарко Велковски. Станува збор за Бобан Николов, кој што од среда се приклучува на клубот. Поранешниот репрезентативец беше дел од „црвено-црните“ во периодот од 2015 до 2018 година, а потоа играше во Фехервар, Лече, Шериф, ФЦСБ, Кишварда, Борац Бања Лука.

Тој веќе утре ќе треба да земе раскин на договорот со Фарул Костанца и ќе се приклучи на „црвено-црните“ кога ќе се вратат од подготовките од Анталија. Оваа вест е потврдена и од раководството на „црвено-црните“.

Николов има и репрезентативно искуство со 48 натпревари зад себе, а со Шериф играше и во групната фаза во Лигата на шампионите, а со Вардар избори место во Лига Европа. Николов ќе треба да донесе дополнително искуство во средниот ред на Вардар.

Во Вардар доаѓа и 29 годишниот аргентинскиот интернационалец Хоакин Торес. Станува збор за играч кој настапува на крилната позиција, и доаѓа од бразилската екипа Амазонас.

Претходно бил дел од Филаделфија Унион, Њуелс Олд Бојс, Волос, Монтреал и Универсидад Католика. Тој беше најавен како можно засилување на „црвено-црните“, но ја одби првата понуда, но Вардар беше упорен и успеа да го ангажира.