Болоња му нуди нов договор на Тиаго Мота
Болоња не губи надеж дека и следната сезона може да го задржи актуелниот тренер Тиаго Мота на кормилото на тимот. Сопственикот на клубот Џои Сапуто и директорите се уверени дека ќе го убедат Мота да остане барем уште една сезона, особено ако екипата се квалификува за Лигата на шампионите.
„Газета дело Спорт“ објави дека Болоња е подготвена да му понуди на Мота нов двегодишен договор. Директорот на Болоња, Клаудио Фенучи, зборуваше за иднината на Мота во клубот, велејќи дека е изнервиран од растечките гласини.
„Тиаго работи како да има долгорочен договор со нас“, изјави тој за радиото во Серија А.
„Не е проблем што тој се уште не го потврдил останувањето кај нас во наредните години. Она што малку ме загрижува се постојаните гласини и врева околу нашите играчи. Ние сме силен клуб, еден од најдобрите во Серија А и не сакаме да ја менуваме оваа група играчи“, додаде тој.