Бон на Ти Џеј Шортс ќе игра финале на Бундеслигата

Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс повторно беше најефикасен во тимот на Телеком Бон и најзаслужен што оваа екипа обезбеди пласман во финалето од германскиот плејоф.

Освојувачот на трофејот во Кошаркарската Лига на Шампиони го совлада Лудвигсбург со 3-0, а во третиот меч од серијата, како гостин, славеше со 82-73. Со тоа ја продолжи победничката серија во домашното првенство која трае од 15 јануари кога Телеком Бон го претрпе последниот пораз.

Шортс на теренот помина безмалку 29 минути и за тој период постигна 20 поени, 4 асистенции и 3 скока. Во финалето Телеком Бон ќе игра против уште едно големо изненадување – Улм кој на патот до завршната серија ги елиминира Алба и Баерн. Како лидер по основниот дел од сезоната, Телеком Бон ќе ја има предноста на домашниот терен, а првиот натпревар се игра на 9 јуни.