Борбено реми на Брера и Македонија ЃП

Брера и Македонија ЃП во Струмица одиграа интересен и до крај неизвесен натпревар кој заврши без победник 1-1. Двата тима водеа важна битка за опстанокот, беше присутна желбата и мотивот за трите бода, меѓутоа на крајот мораа да се задоволат со по еден.

Домашниот тим поведе од првата посериозна шанса во 20. минута. Изведен корнер, се направи мешаница во петерецот, а Петровиќ доби повратна топка и на своето деби за струмичкиот тим успеа да погоди за предност.

Во финишот од првиот дел Македонија ЃП изврши сериозен притисок по голот на Вргов, кој имаше една успешна интервенција, а потоа и досуден пенал откако Луковиќ играше со рака по продорот на Џангаровски.

Пецов го изведе пеналот, Вргов му одбрани, но на топката налета Ивановски кој во обид да расчисти ја смести топката во својата мрежа.

Во вториот дел и двата тима тргнаа по бодовите. Брера имаше и бројчана предност на теренот, со оглед дека Ричков во 69. минута беше исклучен, но тоа не успеа да го материјализира домашниот тим.